MK | EN | SQ

www.skopje.gov.mk
Официјален портал на Град Скопје
Времето во Скопје
Прогноза
Форум

„Како да ги унапредиме правата на потрошувачите?“

Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје во соработка со Организацијата на потрошувачите на Македонија, организираше Форум во салата за седници во Град Скопје со назив: „Како да ги унапредиме правата на потрошувачите?“ На форумот се дискутираа дел од областите кои се во делокруг на заштита на потрошувачите и каде потрошувачите се соочуваат со проблеми во остварување на своите права.

Форумот го отвори претседателот на Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје, г-дин Марјан Додовски, кој даде краток осврт на тоа што беше изработено во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите за 2016-та година на Град Скопје. Меѓу другото, тој ги издвои и анкетата за информираноста на потрошувачите и анализата спроведена врз основа на таа анкета, и двете брошури на тема „Домување“ и „Туристички патувања“ кои беа поделени на присутните, разгледување на пристигнатите поплаки и нивно решавање, организирани работни средби и размена на искуства со советите на потрошувачи од другите општини .

Претседателката на ОПМ, м-р Маријана Лончар Велкова исто така ги поздрави присутните и го искажа своето задоволство за досегашната успешна соработка со Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје, и успешно спроведените активности од Програмата за заштита на потрошувачите за 2016 година на Град Скопје. Таа истакна дека од исклучителна важност е поддршката на организациите на потрошувачи од државните органи и локалната самоуправа за нивно непречено функционирање и одржливост.

Правниот советник на ОПМ м-р Иво Костовски ја презентираше анализата спроведена врз основа на анкетата за информираноста на потрошувачите која беше спроведена во текот на годината, со цел да се утврди колку потрошувачите ги знаат своите права, во кои домени имаат најмногу проблеми, дали тие го знаат начинот на решавање на своите потрошувачки проблеми, како и тоа дали тие ги употребуваат механизмите кои системот ги нуди. Тој истакна дека анкетата беше спроведена он-лајн на 272 испитаници со користење на алатката Google Forms, и делумно теренски со анкетирање на случајни минувачи на јавните површини (паркови, трговски центри итн.) Како заклучоци од анализата можат да се издвои дека поголем број на потрошувачите сметаат дека ги знаат или делумно ги знаат своите права, и имаат желба за понатамошно информирање. Многу голем процент на граѓани се соочиле со проблем во остварувањето на своите права како потрошувачи а најмногу во доменот на сервисирањето и остварувањето на правата од гаранцијата кои се најчести проблеми на потрошувачите. Најголем број од потрошувачите приговараат до трговецот но трговците не се расположени да го решат проблемот на кој приговарал потрошувачот. Потрошувачите не веруваат дека со започнување на постапка пред надлежен орган или суд проблемот ќе се реши поради недоверба во системот, високи трошоци во постапката и сложена и долга процедура. Потрошувачите сметаат дека со сегашната законска регулатива нивните права не се доволно заштитени. За крај тој истакна декаречиси сите потрошувачите сметаат дека трговците не им ги даваат сите информации или им ги даваат само делумно информациите, исто така и дека тие не ги почитуваат нивните права, или ги почитуваат само делумно, но сепак при купувањето на производ или услуга тие не обрнуваат внимание на тие работи.

Брошурата „Време за патување“ која ја обработува тематиката на туристичките патувања, им ја презентираше на присутните професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска, стручен соработник на ОПМ. Таа истакна дека проблемите со туристичките патувања сè уште постојат и бројноста во текот на оваа година се зголеми, што е загрижувачки податок. Брошурата која беше презентирана ги содржи сите битни информации кои им се потребни на потрошувачите за да внимаваат при купувањето на туристички аранжман нивните права да бидат заштитени. Исто така брошурата детално ги наведува начините како потрошувачите можат да ги остварат своите права со случај кога тие ќе бидат прекршени при користењето на услуга од туристичка агенција.

Брошурата со наслов „Домување“ на присутните им ја презентираше проф. д-р Ненад Гавриловиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Тој ги презентираше одредбите од Законот за домување кој има претрпено голем број на измени и работењето на овој Закон е навистина отежнато поради овие причини. Тој наведе дека Законот недоволно и во многу случаи на нејасен начин ги регулира односите на станарите со куќниот совет односно со управителот на зградата, и од тие причини се остава простор за појава на нерешливи проблеми, неможност да се раскине договор итн. Тој даде препорака дека е потребно да се изготви нов Закон со кој покрај доуредување на веќе постоечките норми, ќе се воведат и поголеми ингеренции на тело кое ќе го регулира овој домен, ќе врши инспекциски надзор и ќе има моќ да одзема лиценци, кога ќе се исполнат условите.

За крај претседателката на ОПМ, м-р Маријана Лончар Велкова им ја презентираше на присутните анализата на прашалници спроведени со претставници на јавните претпријатија од Град Скопје и претставници на локалната самоуправа, која беше изработена во рамки на проект подржан од програмата за развој „Цивика Мобилитас“, а беше изработена во соработка со Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје. Преку анализата на прашалниците беа утврдени слабостите и јаките страни на претпријатијата и нивните механизми за решавање на споровите со потрошувачите. Интервјуата помогнаа за зголемување на соработката помеѓу ОПМ, Советот и јавните претпријатија и забрзување на процесот за решавање на поплаките кои потрошувачите ги пријавуваат до ОПМ или до Советот. Целосната студија може е достапна до сите преку веб страницата на ОПМ.

Со ова беше завршен работниот дел на форумот, па претседателот г-дин Марјан Додовски ги повика присутните да постават прашања. Претставничката на Агенцијата за храна и ветеринарство д-р Ката Стојановска ја поздрави иницијативата за одржување на овој Форум и се заблагодари на сите ентузијасти во доменот на заштитата на потрошувачите кои напорно работеа во текот на целата година. Таа истакна дека има потреба од почести и пообемни средби од ваков вид, и зголемување на заинтересираноста на сите институции, организации и претставници на бизнис секторот за присуство и инволвираност во ваквите настани.

Претседателот г-дин Марјан Додовски им се заблагодари на присутните за присуството и изрази желба за понатамошна соработка во новата година.

  


| Најава
Администрација |  Контакт |  Прашања |  Разгледници
Copyright(C)2009 Град Скопје
Посетители: 13475456